НАШАТА КУЌА СÈ УШТЕ ГОРИ – МЛАДИТЕ АКТИВИСТИ ЈА ПРЕЗЕДОА СЦЕНАТА НА СВЕТСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ

Давос, (АП)

Четири млади климатски активисти, предводени од Грета Тунберг, им порачаа на политичките и бизнис елити на Светскиот економски форум во Давос дека не прават доволно против климатската криза и дека времето истекува.

Тунберг, која неодамна наполни 17 години, на сцената беше придружувана од Салвадор Гомес-Колон (16), Отм Пелтие (16) и Наташа Мванса (18). Тие кажаа дека нивната генерација конечно се освестува и дека треба да работи заедно со луѓето на власт за да се остварат неопходните промени.

„Нашата куќа сѐ уште гори. Вашата неактивност го разгорува огнот секој час. Ако ги сакате вашите деца, дејствувајте! Нема врска дали сте леви или десни, гајле ни е за вашата политика! Од гледна точка на одржливоста, сите потфрливте. И затоа светот и натаму гори. Ова го кажав овде и пред една година. Садењето дрвја е добро, но не е доволно. Не ни треба помалку емисии, тие треба целосно да запрат“, кажа Тунберг, додавајќи дека климата и животната средина сега се топ-теми токму благодарение на младите.

Гомес-Колон, кој собираше помош по ураганот Марија кој го опустоши неговото Порторико во 2017, кажа дека младите активисти прават повеќе од обично зборување.

„Ние нема да чекаме пет, 10, 20 години за да дејствуваме. Ние не сме иднината, туку сегашноста и затоа дејствуваме сега“, изјави тој.

Мванса е активистка од Замбија која води кампањи за правата на жени и девојчиња, додека Пелтие е Канаѓанка чии активности се насочени кон обезбедување вода за пиење за домородни заедници.