Современиот балет „Сага“, во кореографија на Рисима Рисимкин, ќе се изведе вечерва (16 април) од 20 часот во Националната опера и балет (НОБ) на јубилејниот 20. Танц фест Скопје. Претставата е дел од програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со НОБ.
Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески.
„’Сага’ е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска-Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Балаж Лочеи (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Копнеж со Франсиско Хименес Руис, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицева, Трепетлика со Илијана Данилов и Ѓул со Христина Наќевска“, најавуваат од Танц фест.
Фото: К. Попов