Новоидентификувана јагула која живее во Амазонија може да произведе рекордно силен електричен удар, објавија научниците.
Тие идентификуваа два нови вида на електрични јагули, со што тројно се зголеми оваа бројка и еден од нив може да ослободи електрична енергија до 860 волти, 210 волти повеќе од рекордот на досега познатите видови.
„Овие електрични јагули, кои всушност се риби, можат да пораснат до 2,4 метри и ова само покажува колку многу уште можеме да откриеме во амазонската прашума“, изјави Дејвид де Сантана од Националниот музеј за природна историја на „Смитсонијан“.
Научниците веќе 250 години знаат дека електрични јагули живеат во Амазонија, но не и колку видови. Новите два вида имаат ист надворешен изглед и ја користат струјата за навигација, комуницирање, лов и самоодбрана. Она во што се разликуваат се генетскиот материјал, обликот на черепот и нивото на волтажа.
Во 1799 година, научниците се инспирирале од електричните јагули за првиот дизајн на батерии.