НЕ СУМ СИГУРНА ДАЛИ МАЈКА МИ ЌЕ ДОЈДЕ НА КОНЦЕРТОТ, МИ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА ДА ИЗДРЖИ ЕМОТИВНО, ВЕЛИ КАЛИОПИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пред концертот на 19 октомври во салата „Борис Трајковски“, Калиопи вели дека нејзиното семејство ќе дојде да ја гледа, но не е сигурна дали и мајка ѝ ќе биде во публиката. Во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК „За секого по нешто“, таа рече дека имала среќно детство во родното Кичево, со сестра ѝ Корнелија и брат ѝ Томче.

„Некои од семејството ќе дојдат. Не сум сигурна дали мојата мајка ќе може да дојде. Ми рече: ‘Не сум сигурна дали ќе можам да издржам емотивно’. Татко ми го загубив скоро“, ни рече Калиопи чиј татко почина во 2022.

На отворањето на реновираната „Сина сала“ во „Сава центар“ во Белград на 3 септември концерт одржа Здравко Чолиќ. Калиопи беше меѓу гостите и на песната „Подлугови“ ја покани да му се придружи на сцената и заигра со неа.

„Тоа наше човечко препознавање кое го имаме со деценции се случи и таму“, вели Калиопи.

Се присети дека додека со Ромео Грил го правеле албумот „Бато“, Чолиќ ги слушнал песните пред да излезат и сакал да испее две од нив.

„Го подготвувавме албумот и Ромео му презентираше на Здравко Чолиќ некои песни во Скопје. Се сеќавам дека на Здравко многу му се допаднаа ‘Куфер на љубовта’ (Кофер љубави) и баладата ‘Знам дека те сакам’ (Знам да те волим). Но, Ромео не попушти и рече дека тие песни нема да се даваат: ‘Не, ова ќе го пее Калиопи’. Ова првпат го кажувам. Многу ми значеше тоа дека Ромео не отстапи. На него како автор сигурно повеќе ќе му значело еден Здравко Чолиќ да ги отпее неговите песни отколку една девојка која сѐ уште е во потрага по себеси. Затоа Ромео е многу значаен за мене“, рече Калиопи.

М. ЏАРОВСКА