Денеска (2 декември) во 19:30 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години за странски публикации, како „All About Jazz“ и „Vintage caffe“.
Книгата е збирка авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.
Публикацијата се состои од рецензии на албуми, концерти и фестивалски настапи на музичари како Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез оркестар, Џон Илија Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски, „Стринг форсис“, „Љубојна“ и други, но и на фестивали како Скопски џез фестивал и Офф-фест.
Издавач на книгата е „Номад-Арт“ од Скопје, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.