НЕОПХОДНИ НИ СЕ ПОДОБРИ ИНФРАСТРУКТУРНИ УСЛОВИ ВО ГРАДОВИТЕ, РЕКОА УЧЕСНИЦИТЕ НА ПРВИОТ ШАХОВСКИ ТУРНИР ЗА СЛЕПИ ЛИЦА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во сите балкански земји потребни се подобри инфраструктурни услови за живеење на слепите лица, како обележани места за движење и звучни семафори, но и поголема прифатеност во општеството, рекоа учесниците на првиот меѓународен шаховски турнир за слепи лица во Штип.

Предрасудите за слепите лица се големи, посебно во помалите места. Јас сум од Краљево и во сите градови треба да се подобрат инфраструктурните услови за слепите лица“, кажа Ранко Вуковиќ, шахист од Србија.

Неговиот шаховски противник Љубомир Петков Иванов од Бугарија вели дека за поддршката на спортски план нема никакви забелешки и смета дека неговата држава достоинствено се грижи за слепите лица, но сепак е неопходно да се подобри инфраструктурата.

Претседателот на Здружението на слепите во Штип, Драги Витанов, смета дека во Македонија во последно време се прават многу инфраструктурни зафати и за лицата со оштетен вид и за останатите инвалидизирани лица, но треба останатите граѓани да ги почитуваат поволностите што се наменети за оваа категорија граѓани.

Правиме голем број активности за да ги извадиме слепите лице од дома, да се спречи депресијата во која запаѓаат и да им овозможиме да сфатат дека во животот има и некои поубави нешта. И овие меѓународен турнир и концерт што ги организираме во Домот на културата Ацо Шопов се во овој контекст“, вели Витанов.

Т. ЈОВАНОВСКИ