НЕПАЛ ЗАБРАНИ СОЛО ИСКАЧУВАЊА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Би-Би-Си)

Властите на Непал забранија соло искачувања по своите планини, вклучувајќи го и Монт Еверест, со цел да се намали бројот на инциденти.

Новите регулативи им забрануваат и на слепи лица и на инвалиди да се искачуваат на највисокиот врв на светот. Министерството за туризам соопшти дека ги изменило законите за да бидат планинарите побезбедни и да се избегнат смртни случаи.

Оваа година, рекорден број планинари се обиде да го искачи Монт Еверест, но некои имаа и трагични последици.

Бројот на смртни случаи оваа сезона засега е шест, вклучувајќи го и 85-годишниот Мин Бахадур Шерчан, кој загина во обид да стане најстариот човек кој го освоил Монт Еверест.

Меѓу загинатите е и светски познатиот планинар Ули Штек, наречен Швајцарска Машина.

Според новите регулативи, странските планинари ќе мора да се качуваат со придружба и властите сметаат дека со ова ќе се вработат и повеќе локални водичи.

Над 200 луѓе имаат загинато на Монт Еверест од 1920 година, што значително се зголеми од 80-ите години.