НЕПАЛЕЦ ГИ ИСКАЧИ 14-ТЕ НАЈВИСОКИ ВРВОВИ НА СВЕТОТ ЗА САМО СЕДУМ МЕСЕЦИ

Катманду, (Би-Би-Си)

Непалски планинар и поранешен британски војник ги искачи највисоките 14 планински врвови на светот во рок од само седум месеци, поставувајќи нов рекорд. Триесет и шестгодишниот Нирмал Пурџа утрово стигнал на 14. врв, Шишапангма во Кина.

Тој почнал да се занимава со планинарење во 2012 година, кога дошол во базен камп на Еверест, но место да се врати назад, како што планирал, решил да ја искачи целата планина.

На светот постојат 14 планини повисоки од 8.000 метри и на досегашниот рекордер Јержи Кукуча му требаа седум години, 11 месеци и 14 дена за да го комплетира предизвикот во 1987 година. Според други извори, рекордер бил Корејанецот Ким Чонг-Хо, на кого му требале седум години, 10 месеци и шест дена.

Пурџа ја почнал својата кампања на 23 април во Непал, а во мај го искачил Монт Еверест, највисокиот врв на светот. За време на своите качувања, тој спасил четворица планинари.

Во мај, Пурџа во рок од пет дена ги искачил Еверест, Лотсе и Макалу, три од седумте врвови во Непал, а бил и на пет врва во Пакистан и на два во Кина.