НЕПАЛСКИ ШЕРПАС ГО ИСКАЧИ МОНТ ЕВЕРЕСТ ПО РЕКОРДЕН 29. ПАТ

Непал, (Би-Би-Си)

Непалскиот шерпас Ками Рита го подобри сопствениот светски рекорд откако по 29. пат се искачи на Монт Еверест.

Качувачката сезона на највисоката планина на светот само што започна и се очекува околу 400 планинари да го направат својот обид во следните недели. Минатата недела, Ками Рита објави на Инстаграм дека се вратил на Монт Еверест во обид по 29. пат да се искачи на „врвот на светот“.

Иако вели дека качувањето му е само работа, Рита лани се искачи двапати на Монт Еверест за да го преземе рекордот од својот сонародник, ривал и колега Пасанг Дава Шерпа.

Ками Рита (54), кој работи како водич повеќе од две децении, првпат се искачил на Монт Еверест во 1994.