Десеттемина непалски планинари добија херојски пречек во Катманду откако неодамна станаа први луѓе кои го искачиле вториот највисок врв на светот К2 во сурови зимски услови.
„Како тим, се чувствуваме многу гордо и почестено. Мислам дека му испративме јасна порака на светот: ако се обединиме, ништо не е невозможно“, изјави Нирмал Пурџа, еден од учесниците во историската експедиција, кој го држи рекордот за најбрзо искачување на 14-те највисоки врвови на светот.
Успешното зимско искачување на К2 претставува посебно остварување за непалските планинари и затоа што на нив со децении се гледаше како водичи на странски планинари.
„Оваа експедиција го подигна статусот на непалските планинари до нови височини“, додаде Мингма Шерпа.
К2 е најпознатиот врв на планинскиот венец Каракорам и втор највисок на светот, зад Монт Еверест. Тој беше последниот врв повисок од 8.000 метри што никогаш не бил искачен во зима. Непалскиот тим се погрижил сите десет членови во исто време да стапнат на врвот.
„Сите десетмина работевме заедно на исто ниво и сите еднакво си ги ризикувавме животите. Затоа беше најчесно заедно да го делиме подвигот“, кажа Пурџа.