„НЕРЕД МЕЃУ РЕДОВИ“ Е МОТОТО НА 14. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, ПОЧНУВА НА 7 ЈУНИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Четиринаесетотто издание на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје ќе се одржува од 7 до 14 јуни, а пет долгометражни и 16 кратки филмови се во официјалните селекции за наградата „Златен був“. Мотото на фестивалот е „Неред меѓу редови“, а го организира Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Фестивалот се отвора на 7 јуни во 21 часот во летното кино на Кинотеката со проекција на шпанскиот филм „Затвори ги очите“ на режисерот Виктор Ерисе. Во официјалната програма на долгометражни филмови, која и годинава ја селектираше професорот Кирил Трајчев, се и: романскиот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде, дебитантскиот филм на виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам, „Во лушпата на златниот кожурец“, иранскиот филм „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами и филмот на грузиската режисерка Тинатин Кајришвили, „Граѓанинот светец“.

„Се обидуваме колку што можеме, и покрај скудните финансиски средства, да направиме програма која ќе биде интересна за македонската публика и која на некој начин ќе може да ја врати магијата на филмските дела кои, за жал, не се дистрибуирани во киносалите, а честопати не се прикажани и на поголемите филмски фестивали. Петте филма се од последните две години“, вели директорката на фестивалот Ана Дишлиеска-Митова.

Фото: Сцена од „Затвори ги очите“