НИ ДАДОВТЕ МАНДАТ ОД ЧЕТИРИ ГОДИНИ, НЕ ВИ ДАДОВМЕ СЕНДВИЧИ ЗА ДА ДОЈДЕТЕ, РЕКОА ДАЦ И АЛЕКСАНДАР НА КОНЦЕРТОТ ВО ГТЦ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со постара снимка од гласот на Бранка Станковска која го најави хорот на „Златно славејче“, почна концертот на Драган Спасов-Дац и Александар Митевски, во петокот вечер на зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје. За Скопје и за Трговски, кој дуото го нарече последниот жив споменик на градот, Дац и Александар одржаа бесплатен концерт. Среќни лица го наполнија кровот на ГТЦ и околината, среќна публика си замина од оваа убава и носталгична забава на крајот.

На оригинален начин, со музиката од шпицата на серијата „Отпишаните” и со песната „Едно лето” на Александар Џамбазов, Дац и Александар слегоа од покривот на ГТЦ и се пробија до бината поздравувајќи ги присутните.

Хорот на „Златно славејче“ отпеа дел од најголемите хитови од детскиот фестивал, и на крајот легендарната „Песна за Скопје“. (Фото: К. Попов)

Концертот симболично го нарекоа „Со љубов за Скопје“, а имаше два повода за славење: 50. роденден на ГТЦ и четвртиот на дуото. Слушајќи го гласот на легендарната спикерка, повозрасните коментираа дека се почувствувале како во времето кога секој ден беше присутна на радио и на ТВ. Кровот на ГТЦ беше преполн, повозрасните седнаа на скалите ги потпевнуваа песните од нивно време, помладите танцуваа на хитовите со кои растеле или ги научиле од родителите.

„Вие ние дадовте мандат од четири години, ви благодариме што сега ни го продолживте. Дали ви дадовме сендвичи на дојдете тука? Не. Дали бевме со народот кога на сите ни беше најтешко, за време на пандемијата? Нашата партија се вика љубов“, кажаа музичкиот продуцент Митевски и актерот Спасов-Дац на почетокот.

Евергринот „Чија си“ од Славе Димитров тие го поврзаа со хитот, „Уште ми фалиш“ од Макфест во 2019.

„Славе Димитров со ‘Чија си’ во 1971 не победил на Скопскиот фестивал, го освои второто место.  Ние со ‘Уште ми фалиш’ во Штип на фестивалот Макфест го освоивме исто второто место. Да ви кажам нешто, второто место не се мести“, рече Дац.

Матеа, внуката на актерот Бранко Ѓорчев запеа на концертот со Александар и Дац (Фото: К. Попов)

Матеа Митровска, внука на актерот Бранко Ѓорчев, беше гостинка на песната „Уште ми фалиш“, најголемиот хит на дуото, а ја претставија како нивни најголем фан. Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, познат како Денис Космонаутко, беше исто така дел од гостите во песната „Во светот постои едно царство“ (У свету постоји једно царство), насловната песна од култната детска серија „Коцкица“ на Бранко Миличевиќ.

Најмногу се пееја македонски евергрини, но и понови песни поврзани со Скопје на разни начини, а концертот траеше три часа.

Дуото им оддаде почит на големите композитори и пејачи Димитар Масевски, Драган Ѓаконовски Шпато, Ѓоко Георгиев, Славе Димитров, Тодор Бојаџиев, Нина Спирова, Зоран Георгиев, Зоран Милосављевиќ, Зафир Хаџиманов. Дац и Александар го одржаа ветувањето што им го дадоа на нивните обожаватели пред пандемијата, дека ќе им подарат ваков концерт.

Писателот и скопски хроничар Борче Трајковски Боки испрати писание за Скопје и ГТЦ во кое рече: „Скопје и скопјани се жедни за вакви настани, за лесни рефрени кои ја разгалуваат душата, ја разнежуваат мислата и за миг те префрлаат во еден спокоен, мирен, насмеан живот“. Се обрати и претседателот на одборот на Скопските бадникари, Ангел Георгиевски кој им се заблагодари на поранешните бадникарски кумови на Скопје, Дац и Александар, за сѐ што направиле и прават за Скопје и скопјани.

Поради многубројната публика, обезбедувањето го отвори и горниот дел од кровот на Трговски, а полн беше и целиот Жена парк. „Каков-таков, ГТЦ ги чува спомените на нашата младост“, рече Дац на крајот.

М. ЏАРОВСКА