НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ТРЕБА ДА ПОЖИВЕЕМЕ МАЛКУ ВО БЕЛГИЈА ЗА ДА НЕ СЕ ЖАЛИМЕ ДЕКА ДРЖАВАТА НЕ НИ ФУНКЦИОНИРА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една и пол година, поп-пејачката Елена Петреска со семејството живее во Белгија, во градот Монс, на 60 километри од Брисел. Петреска, која беше активна во поп-музиката долги години и вработена во хорот на Националната опера и балет вели дека им е убаво во Монс кој е град на уметноста, со прекрасни автентични градби, посебно во центарот. Таа во Белгија предава соло пеење во театар кој е клон на Бродвеј.

„Сопругот Андреј доби понуда за работа една година пред да се решиме да заминеме. На почетокот малку се двоумевме, но и двајцата чувствувавме дека ни треба промена и едногласно одлучивме да се впуштиме во нова авантура во животот. И искрено не се покајавме. Македонија ми е љубов, никаде нема да се чувствувам своја како што сум во мојата земја, но мислам дека е богатство да се осети и искуси нов менталитет, нови култури и различни вредности“, ни рече Петреска која е мајка на осумгодишната Софиа и синот Михаел кој има речиси десет години. Според неа, има нешта кои во Македонија подобро функционираат отколку во Белгија. Петреска е инаку по потекло од Прилеп.

Елена Петреска со сопругот Андреј Толевски (Фото: Фејсбук)

„Скопје е одличен град, вистинска метропола и го сакам најмногу на светот. Кога правам споредба буквално ништо не ни фали, дури и во Македонија многу работи повеќе функционираат од тука. Единствено во што правам разлика е енергијата на луѓето. Толку се смирени, сѐ е бавно, нема стрес и брзање за разлика од кај нас каде што луѓето немаат трпение дури и кога чекаат на каса во маркет. Е сега, мене искрено знае и да ме нервира колку е сѐ бавно и често знам да си речам: ‘Ние Македонците треба да поживееме малку во Белгија за да не се жалиме дека државата не ни функционира. Единственото нешто што е лошо во Македонија е стандардот, кога платите би биле европски тогаш ништо нема да ѝ фали на Македонија“, вели пејачката.

Од дома, најмногу ѝ недостасуваат блиските, пријателите и колегите од Операта.

„Со музика се занимавам и тука, како и целиот мој живот. Во моментов предавам соло пеење на студенти од театар кој е клон на Бродвеј, ги подготвувам за популарните мјузикли во кои учествуват. Oстанатото време два пати во неделата имам проби со мојот бенд со кој почнуваме со настапи веќе од крајот на овој месец“, вели Петреска.

За синот и за ќерката, вели дека одлично се снаоѓаат, на училиште и на активностите кои ги посетуваат. Иако за многу работи се во предност, животот е поразличен за нив во Белгија и не може да се замени со ништо слободата која ја имаат во Македонија, вели пејачката.

Во една прилика, таа рече дека била приморана од Скопје да се врати во родниот Прилеп поради тоа финансиски проблеми, и ги прекинала студиите на Музичката академија. Со позајмени пари од близок родина, Петреска се вратила во Скопје, пеела по клубови и ги завршила студиите.

„Ако се навратам назад во времето гледам многу животни лекции, многу успони и падови кои ме оформиле како личност. Велат дека сѐ се случува со некаква причина, некогаш и лошото е за добро, па би рекла дека сѐ уште имам многу соништа, но благодарна сум на бог за сите остварени досега“, вели Елена Петреска.

М. ЏАРОВСКА