НОВ РОМАН НА ШПАНСКАТА ПИСАТЕЛКА РОСА МОНТЕРО ВО ИЗДАНИЕ НА „КАСТА ДИВА ЕДИТОРИЈАЛ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Смешната помисла дека нема да те видам никогаш повеќе“ од Роса Монтеро е новата книга во издание на „Каста дива едиторијал“. Преводот од шпански е на Ненад Велковски.

Монтеро е една од најпознатите современи шпански авторки. Пишува ексклузивно за весникот „Ел Паис“, во кој има своја колумна. Добитничка е на бројни награди за својот новинарски и книжевен труд, а нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

„Умешно користејќи ја биографијата на Марија Кири, Монтеро нѐ пренесува во светот на својата тага по починатиот сопруг низ една призма на современа жена чија љубов кон мажот не значи губење на својата личност. Колку сме силни кога ќе изгубиме некого и како се справуваме со болката што не стивнува? Колку брзо избледува споменот за саканата личност? Монтеро дава едно извонредно портретирање на жената, на нејзината сила во светот на мажите и на нејзината борба да биде прифатена како еднаква. Книга која секоја жена треба да ја прочита“, вели издавачот.