НОВАТА РЕАЛНОСТ СО КОРОНАВИРУСОТ БЕШЕ ИНСПИРАЦИЈА ЗА УЧЕСНИЦИТЕ НА 57. СТРУМИЧКА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Нови 30 дела се направени на годинашната струмичка ликовна колонија, на која учествуваа само домашни уметници поради коронакризата. Тие во изминатите десетина дена твореа во фоајето на Уметничката галерија и на други локации во градот, согласно владините препораки и мерки за заштита од ковид-19. На дел од уметниците токму новата реалност им беше инспирација за делата што ги направија.

„Учеството на колонијата ми беше сон, првпат настапувам. Направив уметничка слика масло на платно на која доминира девојка која е тажна и задлабочена во мислите меѓу зелената природа и вирусот. Сакав да ја одбележам годината во која што сите ние поминуваме со исти мисли“, ни изјави уметницата Виолета Сандева.

Според раководителот на колонијата Александар Филев, на колонијата учествуваа само 14 уметници од земјава, кои направиле 30-ина дела во различни техники. И годинава работеше школата за мозаичари, при што двајца уметници направиле мозаици.

„Како организатори сме задоволни, иако годинава учествуваа само домашни уметници. Делата од колонијата првпат ќе бидат изложени на 11 септември на Денот на ослободувањето на Струмица“, кажа Филев.

Во изминатите 57 години, на струмичката ликовна колонија учествувале околу 1.400 уметници од земјава и странство, а фондот на Уметничката галерија при НЦУК „Антон Панов“ брои околу 2.560 дела.

В. ТРАЈКОВ