Новогодишниот базар под мотото „Улицата на радоста“ почнува утре на плоштадот Македонија и ќе трае до попладневните часови на 31 декември.
На базарот ќе има рачно изработени предмети, пригодни подароци, топли напитоци, храна и други содржини.
Базарот го организираат Град Скопје и Конгресниот центар Александар Македонски, во соработка со Здружението на граѓани Мата (Македонска артисанска трговска асоцијација).
Од Град Скопје најавуваат дека на 28 декември, најмладите посетители ќе можат да се дружат со ликовите од детската претстава „Дедо Мраз во пензија” и да прошетаат заедно со новогодишната музичка парада.
Традиционално, и годинава, на 31 декември точно во 12 часот, Дедо Мраз ќе пристигне на плоштад Македонија.