Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ оваа година слави голем јубилеј 75 години постоење, и ќе одржи новогодишен концерт на 22 декември, во Националната опера и балет од 19 часот.
На концертот ќе бидат изведени многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризницата на „Танец“, од различни периоди на делувањето на ансамблот, ора и кореографски постановки како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „К’лц нога“, „Копачка“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Радовишки собор“ и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на уметниците на ансамблот.
„Ова е последниот, централен свечен концерт од оваа богата јубилејна сезона“, велат од „Танец“. Билетите се во продажба и можат да се купат само онлајн, преку сервисот Купи карта.