РАСПИШАН КОНКУРС ЗА НОВА НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР НЕОБЈАВЕН РОМАН НА ГОДИНАТА „ПЕГАЗ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Распишан е прв конкурс за новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, која ќе ја доделуваат издавачката куќа „Арс ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. За наградата можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца.

Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во ворд или во ПДФ-формат), на следната е-пошта: [email protected]. Конкурсот ќе биде отворен до 15 мај.

„Наградата ‘ПЕГАЗ’ е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда ‘Роман на годината’, што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности ‘Славко Јаневски’“, велат од „Арс ламина“.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна во септември 2019 година.