ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА НАГРАДАТА „ПЕГАЗ“ ЗА НАЈДОБАР НЕОБЈАВЕН РОМАН

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Објавен е конкурсот за книжевната награда „Пегаз“, што се доделува за најдобар необјавен роман на годината. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Конкурсот, по петти пат, го распишуваат издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“

Конкурсот ќе биде отворен до 30 септември година, а победникот ќе биде прогласен најдоцна до крајот на 2023 година.

За наградата „Пегаз“ можат да конкурираат необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта [email protected], како ворд- или ПДФ-документ.

Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.

Наградата „Пегаз“ е востановена во 2019 , како своевидно продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината. Целта на наградата „Пегаз“ е да прерасне во книжевен скаут во потрага по квалитетно романескно остварување и по нови писателски гласови што ќе го унапредат овој книжевен вид во рамките на македонската книжевна продукција.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022).

 

Фото: Победничкиот роман за 2022, „Зелениот дворец“ од авторот Сибо