Од возобновувањето на литературниот клуб „Искра“ во Штип помина половина век и членовите го одбележаа големиот јубилеј со литературни читања и доделување признанија на личности кои дале придонес во опстојувањето и развојот на клубот.
„Се сеќавам на тоа време пред половина век кога кај повеќе млади ентузијасти се јави желба по третпат да се отвори клубот кој од разни причини пред тоа згаснуваше, откако беше основан веднаш по Втората светска војна. Им благодарам на членовите на клубот кои се сетиле на мене како еден од повторните основоположници на клубот пред 50 години“, вели поранешната поетеса и новинарка, а сега ликовен уметник Нада Накова.
Долгогодишниот претседател на клубот Миланчо Миленковски и секретарот Делчо Везенков му врачија признание и на поранешниот член Ангел Стојков, а постхумно беа наградени Елена Кожухарова и Ристо Јованов-Малец.
Веднаш по Втората светска војна, група напредни младинци предводени од поетот Ацо Шопов, Славчо Стојменски и Александар Грличков го формираа првиот литературен клуб кој до денес го носи истото име „Искра“. Според истражувањата на новинарката Нада Накова, по нивното заминување на студии во Скопје и други градови на Балканот, активностите на клубот згаснале. Во 1950-тите клубот бил возобновен од следната генерација напредни младинци од Штип, меѓу кои се споменуваат Љупчо Донски, кој бил претседател, Драги Чакалов, Љупчо Стојменски, Тодор Гајдарџиски, Спиро Прилепчански и други.
Но, и по нивното заминување на студии клубот пак згаснува, сѐ до 1974, кога повторно беше активиран и продолжи со работа до денес,
Т. ЈОВАНОВСКИ