„ОРЕСТИЈА“ ДОНЕСЕ ТРИ ЧАСА ПЕЕЊЕ, ТАНЦУВАЊЕ И ЕРОТИКА НА ПРЕМИЕРАТА ВО СТОБИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Три часа пеење, танцување, еротика и човечки трагедии беа видени во претставата „Орестија“ од Есхил, која синоќа премиерно беше изведена на просторот на Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби. Оваа голема копродукција на Велешки театар и Националната опера и балет се одигра пред само 200 гледачи, колку што можеа да присуствуваат според протоколите. Премиерата беше во рамките на 18. издание на фестивалот на античка драма „Стоби“.

Претставата ја режираа четворица режисери (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Ова сврзно ткиво каде што настапувам ги поврзува трите трагедии, ги олабавува нештата, дава надеж, ги коментира работите и настаните кои биле или следат. Тоа е таа сатирска игра која дава свежина на трите трагедии. Одамна сме немале вака силна копродукција. Имавме големо отворање“, рече актерот Зоран Љутков, кој по долги години се врати на сцената во Стоби како Сатирот силен.

„Орестија“ е копродукција на Велешки театар и НОБ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во четирите дела има четири различни режисерски приоди и разработки. Претставата ја работеа режисерите Александар Ивановски, Ненад Витанов, Софија Ристовска Петрушева и Деан Дамјановски, музиката е на Калиопи Букле, Енес Беговски и Сашко Костов, а кореографки се Олга Панго и Саша Евтимова. Настапија дел од актерите на Велешки театар и дел од хорот и балетот на Националната опера и балет.

П. ПЕЧКОВ