ОСЛО САКА ДА СТАНЕ ПРВИОТ ГЛАВЕН ГРАД ВО ЕВРОПА СО ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИЧЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ

Осло, (Ројтерс)

Осло е на добар пат да стане првиот главен град во Европа со целосно електричен јавен превоз, надевајќи се дека ќе ја оствари оваа цел до крајот на 2023. Ова е дел од пошироката стратегија на Осло да стане првиот град без штетни емисии на светот до 2030 година.

Осло планира да ги замени сите сегашни дизелски автобуси со 450 електрични во рамките на програма вредна 47 милиони долари, што, според градските власти, ќе му заштеди пари на градот на долг рок.

„Одржувањето е поевтино, ќе им биде поевтино и на операторите на електричните автобуси. Сè на сè, ова е ситуација во која сите добиваат“, изјави Сирин Став, заменик-градоначалничка одговорна за животна средина и превоз.

Таа ги охрабри и другите градови да го следат примерот на Осло, кој електрифицираше и најголем дел од траектите.