ОТКРИЕН ДИНОСАУРУС СО ГОЛЕМИНА НА МАЛА ПТИЦА

Пекинг, (Би-Би-Си)

Научниците велат дека го откриле најмалиот диносаурус досега. Една членка на истражувачкиот тим го опиша новиот вид како најчудниот фосил на кој досега работела.

Со череп налик на птичји, видот е откриен во северниот дел на Мјанмар, заробен во 99 милиони години стар килибар. Истражувачите велат дека диносаурусот би требало да има големина на пчелесто колибри, најситната жива птица.

Неверојатното откритие би можело да појасни како малите птици еволуирале од диносауруси, кои се познати како далеку поголеми животни. И додека најмалите познати диносауруси, како микрораптор, тежеле стотици грама, пчелесто колибри има само два грама.

Истражувачите најмногу се изненадиле од структурата на очите на овој вид, кои се обликувани како лажица, што досега е видено само кај некои живи гуштери. Тоа кажува дека овие диносауруси имале исклучителен вид.

„Ова е најчудниот фосил на кој сум имала можност да работам. Ми се допаѓа како природната селекција создала вакви бизарни форми. Ние сме суперсреќни што овој фосил останал зачуван 99 милиони години“, вели професорката Џингмаи О‘Конор од Кинеската академија на науки.