Научниците велат дека ја откриле најголемата бактерија на светот, која е јасно видлива со голо око и има големина на човечка трепка. Наречена thiomargarita magnifica, бактеријата е откриена на потонати, распаднати лисја од мангрови на француските Кариби.
Сепак, и покрај својата импресивна големина, организмот не е опасен и не може да предизвика болести кај луѓето.
„Овие бактерии се 5.000 пати поголеми од повеќето бактерии. За споредба, тоа е како просечен човек да се соочи со друг човек кој е висок колку Монт Еверест“, изјави Жан-Мари Воланд од Геномскиот институт при националната лабораторија „Лоренс“ во Калифорнија.
Еден сантиметар долгата бактерија не е најголемиот едноклеточен организам на Земјата, туку тоа веројатно е алга наречена caulerpa taxifolia, која е десет пати подолга.
T. magnifica првпат била идентификувана во 2009 година на Гваделуп, но дури неодамна детаљно била проучена.