ОВА Е ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ НА ПРВИОТ КОНЦЕРТ НА НАЦИОНАЛИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот џез оркестар, за првпат под ова име, сношти одржа концерт во Операта со добро избрани композиции од македонски автори.

На концертот насловен „Џез нова“ се отсвиреа дела на Гордан Спасовски, Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Иван Петровски, Алек Пејовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Илија Пејовски, како и од диригентот Џијан Емин и директорот на оркестарот Гоце Стефковски.

Музичарот Гоце Стефковски е директор на Националниот џез оркестар (Фото: К. Попов)

„Да не беше тој, џез оркестарот немаше да стаса дотука. Во изминативе седум години тој ја запостави својата музика за да му се посвети на оркестарот. Другари сме 30 години, се дружиме и се караме, но кoга ќе седнеме на маса како ништо да не било“, кажа Емин за Стефковски пред да ја изведат неговата композиција „Кисела вода“ (Acidic Water).

На духовит начин и со приказни, Емин ги најавуваше сите композиции, а за делото на Стефковски рече дека напишал музика за местото каде што живее.

Диригентот Џијан Емин на духовит начин ги најавуваше композициите (Фото: К. Попов)

„Ви благодариме за поддршката и што сте верна публика во изминатите години. Како што би рекол еден наш пријател: ‘Ова е историја за Македонија’“, кажа Стефковски на почетокот на концертот.

„Знаеме како заедно дојдовме дотука. Затоа оваа вечер задоволството е уште поголемо. Убедена сум дека овие музичари, кои му се познати и на регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сцена“, рече пред концертот министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во публиката беа и гитаристот Влатко Стефановски со синот Јан, кој е тапанар во неговото трио (Фото: К. Попов)

Првиот официјален концерт на џезерите беше богато музичко патување низ личните приказни на авторите, повеќето членови на оркестарот. Дел од композициите беа наградувани со аплауз уште пред да завршат. За последното, свое авторско дело „¼ ока“, Џијан Емин рече дека го напишал инспириран од децата, од нашите улици, нашето општество. За оката како стара мерка за тежина диригентот кажа дека на овој концерт ќе ја мери вистината.

Вистината е дека џезерите понудија одличен и разновиден концерт, а публиката заслужено ги повика на бис за да ја слушнеме „Поздрав до оркестарот“ од Драган Ѓаконовски-Шпато за крај.

М. ЏАРОВСКА