Традиционалниот Вевчански карневал годинава помина само со поскромно дефиле на маските, а се откажа забавниот дел од програмата.

Градоначалникот Спасе Кочовски кажа дека концертот на кој требаше да настапат Наум Петрески и други фолк-пејачи, е откажан поради смртта на млад жител на Вевчани. Не се изигра ниту традиционалното карневалско оро, а во угосителските објекти нема музика.

Станува збор за синот на поранешниот пратеник Крсто Мукоски кој ноќеска излетал од регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко. Возачот загинал во несреќата.

„Ова е најтажниот карневал во Вевчани досега. На никого не му е до музика“, ни изјави жена од Вевчани која живее во Скопје и секоја година за Василица оди во родното место за да го гледа карневалот.

Сношти во Вевчани, концерт одржаа Игор Џамбазов и Гуру Харе со бендот, и групата „Нокаут“.