ПЧЕЛИТЕ НА НОТР ДАМ ГО ПРЕЖИВЕАЈА ПОЖАРОТ И СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ПРАВАТ НОВ МЕД ОВА ЛЕТО

Париз, (Гардијан)

Пчелите на Нотр Дам чудесно го преживеаја големиот пожар пред девет месеци и тие се подготвени да прават нов мед ова лето, како и секоја година откако се населија на покривот во 2013.

„Трите колонии се поздрави од кога било“, вели нивната чуварка.

Сибил Мулен ги посети пчелите за првпат по шест месеци, бидејќи пристапот кон местото е ограничен оти сериозно оштетената камена структура од 13. век е сѐ уште нестабилна. Таа вели дека популацијата од 30.000-45.000 пчели е апсолутно добро.

„Сѐ е во ред со нив. Однесувањето на колониите е совршено нормално. Тие не се многу активни во овој дел од годината, но така и треба да биде“, вели Мулен.

Кога пожарот го зафати и уништи покривот на катедралата минатиот април, многумина помислија дека пчелите, кои може да ги има и до 50.000 по колонија, се мртви. Но, пчелите не само што не ја напуштиле својата кралица, туку и ги заштитиле своите колонии. Снимките со дрон направени после пожарот покажаа дека кошниците се недопрени, но биле потребни неколку недели за да се утврди дали колониите ги преживеале температурите и од 800 Целзиусови степени.

Во јули, Мулен успеала да собере 66 килограми мед од кошниците, кој бил пратен во лаборатории во Канада за да се испита дали содржи олово.

Кошниците на Нотр Дам беа поставени во 2013 година за да се промовира биодиверзитет. Во рамките на овој проект беа поставени над 700 кошници низ цел град и тие им припаѓаат на сопствениците на зградите на чии покриви се наоѓаат.