ПЕРУАНСКИ ЗАЕДНИЦИ СИ ГИ РЕШАВААТ СПОРОВИТЕ СО БОЖИЌНИ ТЕПАЧКИ

Перу, (Ројтерс)

Стотици жители на перуанската покраина Чамбивилкас во историскиот регион Куско се собраа за Божиќ за да учествуваат во древен ритуал – физичка пресметка чија цел е израмнување сметки и решавање конфликти пред крајот на годината. Оваа традиција, која потекнува од генерации наназад, е позната под името takanakuy, кечуански израз за удирање со тупаници.

(Фото: Гети)

Ритуалот се опишува како метод на алтернативно управување надвор од перуанскиот правосуден систем. Борците на овој начин се обидуваат да решат семејни, љубовни или територијални спорови со тупаници, додека присутните гледачи пеат, танцуваат и навиваат за нивните фаворити.

Вообичаено се тепаат мажи, но и жени се почесто учествуваат, велат локалните медиуми. При тепачката смеат да се користат само клоци и тупаници. Оваа година имало 40-ина борби кои траеле по две минути во просек.

Откако споровите ќе се решат, борбите најчесто завршуваат со гушкање, смеење или ракување.

(Фото: Гети)