ПО 17 ГОДИНИ ЧЕКАЊЕ, МАКЕДОНИЈА ГИ ОТВОРИ ПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седумнаесет години по добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ, во Брисел денеска се одржа првата меѓувладина конференција, со што Македонија, заедно со Албанија, конечно ги отвори пристапните преговори. Ова следува три дена откако Собранието и Владата го одобрија францускиот предлог за симнување на бугарското вето врз почетокот на пристапните преговори.

„Денеска, Албанија и Северна Македонија ги отвораат пристапните преговори со ЕУ. Тоа е историски момент за вашиот успех. Резултат на вашата напорна работа. Европската комисија ве поддржуваше на тој пат и ќе продолжи да го прави тоа. Еди Рама и Димитар Ковачевски покажаа трпение, визија и лидерство. Сите ќе имаме корист кога еден ден ќе ги пречекеме Албанија и Северна Македонија во ЕУ“, напиша претседателката на ЕК. Урсула фон дер Лајен, на Твитер.

По отворањето на преговорите почнува таканаречениот скрининг, односно длабинска анализа на законодавството на двете земји.

„Би сакал да им честитам на граѓаните на Република Северна Македонија. Тие се најзаслужни за денешниот ден. Конечно, по 17 години и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство, во Европска Унија. Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен. Денеска почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја, поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност. Убеден сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како победници. Од денеска, одиме само напред и нагоре. Северна Македонија ќе се развива економски, политички и општествено, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот, со високи стандарди за почитување на законите“, кажа премиерот Ковачевски во Брисел.