ПО ЕДНА ГОДИНА ПАУЗА, ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ДОДЕЛИ АКТЕРСКАТА НАГРАДА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Пo пауза од една година, следната недела повторно ќе се додели актерската награда „Петре Прличко“, во организација на Општина Велес и Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“.

Веќе е распишан конкурсот и наградата, која се состои од паричен дел и плакета, ќе биде доделена во рамките на одбележувањето на 9 Ноември, Денот на Општината.

„Надминати се правните проблеми, оти третиот учесник во доделувањето, Здружението на театарски актери ‘Џинот’, веќе не постои. Лани не беше распишан конкурсот на време, така што годинава ќе ја продолжиме традицијата“, кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Во чест на добитникот, Велешкиот театар ќе одигра претстава, на којашто ќе биде врачена наградата. Досегашни добитници се: Благоја Спирковски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов-Дац, Александар Ѓоргиев, Милица Стојанова и Кирил Гравчев.

П. ПЕЧКОВ