ПОЧНУВА ЛЕТНОТО КИНО ВО МСУ, ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕН, НО ДОЗВОЛЕНИ СЕ 50 ГОСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 21 часот почнува летното кино на тремот во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Во наредните четири месеци ќе се прикажат десет креативни документарни филмови.

„Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе не носат само дидактичка нишка, туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијални теми, како и предизвиците во создавањето дела и раководењето на музеите во 21. век“, вели Дарко Набаков, одговорен за филмската програма во МСУ.

Летното кино ќе се отвори со кинеско-американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019) од режисерите Јанг Сун и С. Лео Чијанг. Влезот е слободен, а капацитетот е ограничен на 50 седишта.

Следната проекција е закажана за 24 јуни, кога ќе биде прикажан филмот „Музејски град“ на Џенифер Треинер, една од основачките на Музејот за современа уметност во Масачусетс.