ПОДОБРИ ОД КОЈА БИЛО ТЕХНОЛОГИЈА – КУЧИЊА СПАСУВААТ ЖИВОТИ И ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА И СИРИЈА

Турција, (Ал Џазира)

Неколку часа откако два силни земјотреса ги погодија Турција и Сирија минатиот понеделник, од цел свет почнаа да пристигнуваат добро опремени спасувачки тимови. Меѓу нив беа и посебно обучени кучиња-трагачи, кои можат да пронајдат преживеани во урнатините благодарение на мирисот.

Швајцарскиот волонтерски тим, чиј дел беа и шест кучиња, ги пребаруваше урнатините во тешко погодениот турски град Искиндерун и притоа успеа да спаси 39 луѓе.

Овие кучиња се истренирани да намирисаат човечки мирис, стојат во место и гласно да лаат за да им укажат на своите водичи на местото каде што го почувствувале. Потоа се пушта уште едно куче за да се потврди наодот на првото. Ако двете кучиња потврдат, тоа им овозможува на спасувачите да се фокусираат на одредено место додека не го пронајдат преживеаниот.

Ако преживеаниот не е закопан предлабоко, кучињата многу брзо можат да го почувствуваат мирисот (Фото: АП)

Мислам дека тоа е еден од најемотивните моменти во мојот живот, кога едно од нашите кучиња сигнализира дека пронашол луѓе меѓу урнатините“, вели Матијас Гербер, заменик-шефот на швајцарскиот спасувачки тим.

Кучињата работат цел ден со тричлени тимови, при што се менуваат на секои 20 минути, по што следува подолга пауза од 40 минути. Секој пат кога ќе пронајдат некого, кучињата се наградуваат со играчка или храна.

Ако преживеаниот не е закопан предлабоко, кучињата многу брзо можат да го почувствуваат мирисот.

Кучињата кои пребаруваат во Турција, што вклучува лабрадори, германски и белгиски овчари и златни ретривери, имаат до седум години искуство на работа во спасувачки тимови и досега помогнаа да се најдат преживеани по земјотреси во Јапонија, Непал и Албанија. Гербер вели дека моменталната мисија му е најпредизвикувачка во 30-годишната спасувачка кариера, имајќи ги предвид огромните уништувања.

Кучињата се многу подобри во детектирањето мирис од која било технологија што ја имаме. Тие трчаат преку врвот на урнатините, собираат мирисни честички од воздухот и така доаѓаат до најсилниот извор на мирисот, што е место на потенцијалната жртва“, вели Гербер.

(Фото: АП)