ПОЕТОТ НИКОЛА МАЏИРОВ НАПИША ПРВА КНИГА ЗА ДЕЦА, ПРОМОЦИЈАТА Е НА 30 ЈАНУАРИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Новата сликовница „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана на 30 јануари (вторник), во 19 часот, во новата книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ на првиот кат.

Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.

„Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач“, вели издавачот.

Сликовницата е во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.