ПОСЛЕДНИОТ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО КАЛИФОРНИЈА ОСТАВИ ЛУЗНА ВО ПУСТИНАТА ВИДЛИВА ОД ВСЕЛЕНАТА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Најсилниот земјотрес што ја погоди Калифорнија во последните две децении остави лузна во пустината што може да се види од вселената, покажуваат сателитските снимки.

Петочниот земјотрес беше со јачина од 7,1 степен според Рихтерова скала и удирајќи на длабочина од само 0,9 километри, тој остави голема пукнатина во близина на епицентарот, 240 километри североисточно од Лос Анџелес. Тој се почувствувал сè до Аризона, оддалечена повеќе од 550 километри.

(Фото: Ројтерс)

Иако имаше и неколку други доста силни земјотреси, тие предизвикаа само материјална штета и траги во пејзажот, но немаше жртви.

Последната серија земјотреси ги обнови дебатите за подготвеноста на Калифорнија за таканаречениот Голем земјотрес, за кој сеизмолозите велат дека би можел да се случи долж раседот Сан Андреас и би бил катастрофален.

Калифорнија е во процесот на инсталирање на државен систем за рано детектирање, што треба да биде довршен во 2021 година, кој ќе ги запре возовите и ќе ги отвори вратите на пожарникарските станици пред да удри земјотрес.