„Хенгинг Араунд“ е насловена новата претстава на Македонскиот народен театар (МНТ), која премиерно ќе се изведе на малата сцена на 19 април. Станува збор за праизведба на текстот на Љупчо Јованов, во режија на Бојан Трифуновски.
Трифуновски вели дека Јованов го напишал текстот околу 2000 година.
„На театарските сцени фали постмодерна на македонски јазик. Насоките на Македонскиот народен театар се да се популаризираат македонски автори, а јас често работам македонски автори. Уредувачките политики кои најчесто се мотивирани од финансиски услови не дозволуваат младите автори често да добиваат шанса. Јованов не е млад, но ете, се случува праизведба после 20 години. Отсекогаш сум го сакал текстот, бидејќи е сликовница. Јованов е дете на театарот, професор е по сценографија. Тој е сценограф и костимограф на претставата заедно со Александар Ношпал“, вели Трифуновски.
Од МНТ велат дека главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во него, а главна цел им е да се вратат во реалноста.
Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.
Според Коцев, ова е бајка за возрасни, за над 18 години, но нема ништо скандалозно во претставата.
„Ние живееме една бајка, нашите животи се бајки што некогаш другите ни ги наметнуваат, ни даваат улоги и потоа не можеме да излеземе од неа. Има два лика, 0 и 1, тоа е матриксот, одат низ животот, а животот е претставен во бајки. Бајките се раскажани низ една друга призма на авторот, малку исчашено и извитоперено. Ова е доста интересна и чудна претстава во која беше многу тешко да се стигне до резултатот. Друго е кога имаш драмски текст со јасни ликови и намери, а овде го немаше тоа, па беше еден експериментален процес“, вели Коцев.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: МНТ