Вечерва од 20 часот, на Малата сцена во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Сара“, во режија на Елеонора Теова. Претставата е праизведба на истоимениот драмски текст на Катерина Момева. Улогите ги играат Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Симона Димковска, Кристина Нацева, Самоил Стојановски и Славица Манаскова.
„‘Сара‘ е драма за невротичната потреба за љубов, хистеричната потреба за внимание, растроената потреба да се сочува илузијата на секојдневието. Драма за човечкото и животинското во нас, за нагонот кој сака самиот себе да се изрази, но и размисла за последиците од тоа“, вели Теова.
Ова е втора премиера во Велешкиот театар годинава, две седмици по „Сестрите Прозорови“ и двете ги реализира од сопствени средства.
Сценограф и автор на рекламниот материјал е Филип Коруновски, а изборот на музиката е на Орхидеја Дукова.
П. ПЕЧКОВ