НОВИОТ КОРОНАВИРУС КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ ИМЕ, ЗА НЕГО СЕ ДИСКУТИРАЛО ДВЕ НЕДЕЛИ

Женева, (Би-Би-Си)

Зарази илјадници луѓе, затвори граници и стави делови од Кина во карантин, но вирусот што го предизвика сето тоа сѐ уште нема име.

Засега го викаат коронавирус, но тоа е името на цела група вируси на која ѝ припаѓа. Светската здравствена организација привремено му даде име 2019-нЦоВ, но тоа е тешко за изговор.

Група научници работи на негово официјално именување и велат дека се блиску до договор. Но, зошто им треба толку многу време, имајќи предвид дека вирусот првпат беше идентификуван пред нова година?

Итното именување на вируси е задача на Меѓународниот комитет за таксономија на вируси и притоа мора многу да се внимава. Вирусот Х1Н1 од 2009 беше наречен свински грип, па Египет ги уништи сите свињи во земјата, иако тој се пренесуваше меѓу луѓе.

„Името треба да биде кратко и описно, како Сарс – тежок акутен респираторен синдром. Тоа треба да биде и лесно за изговор“, вели вирусологот Бенџамин Нојман, дел од групата која го смислува името на новиот вирус.

Дискусиите почнале пред две недели и требале два дена за да се утврди. Тоа ќе биде објавено во научно списание, пред да биде соопштено јавно во наредните денови.

Коронавирусот досега убил 565 луѓе, а над 28.000 се заразени.