Претставата „Госпоѓиците од Авињон“, по текст на Сашо Димоски и во режија на Ненад Витанов, вечерва (20 часот) премиерно ќе се изведе на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).
Со праизведбата на овој текст, МНТ одбележува 110 години од создавањето на сликата на Пикасо, „Госпоѓиците од Авињон“.
„’Госпоѓиците од Авињон’ е претстава, ода за создавањето на уметничко дело, која не бара да биде разбрана, туку почувствувана“, вели Димоски.
Димоски во текстот ја реконструирал познатата слика, на којашто се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата, тоа се петте жени-музи на Пикасо: Дора Мар (Софија Насевска-Трифуновска), Олга Коклова (Искра Ветерова), Франсоаз Жило (Гордана Ендровска), Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска).
Големиот шпански сликар ќе го игра Васил Зафирчев.
Сценографијата е на Филип Витанов, костимите се на модната креаторка Тања Кокев, а музиката е на Калиопи Букле.
Билетот за премиера чини 500 денари, а за следните изведби по 300 денари.