ПРЕМИЕРА НА „КАКО ДА СЕ ОГРАБИ БАНКА“ ВО ДРАМСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Како да се ограби банка“, по текст на Сами Фејд, во режија на Иван Манасковски, вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе во Драмски театар.

В.д. директорот на Драмски, Сашо Тасевски, вели дека претставата е феноменална комедија на ситуации, а актуелна е бидејќи во изминатите години се случија спектакуларни грабежи на банки кога се изнесуваа милиони евра сред бел ден.

„Затоа е голема актуелноста на претставата, особено ако се земе предвид дека една крајно сиромашна фамилија, изгубена во една заедница, се решава на ваков екстремен чекор само за да се реши од сиромаштијата”, вели Тасевски.

„Парите го вртат светот. Што би правеле кога би го допреле дното во општеството и кога единствената мисла со која се будите наутро е ‘како да го наполнам својот стомак?’ Одговорот на ова прашање е многу едноставен. Ајде да ограбиме банка. Овие први инстиктивни мисли кои си играат во нашата глава овој пат ќе станат вистина“, вели режисерот Манасковски, кој првпат режира во Драмски.

Играат Лазе Манасковски, Марија Кондовска, Гоце Тодоровски, Симон Манасковски, Катерина Шехтанска-Лаковски, Калина Наумовска и Игор Георгиев.

Сценографијата е на Доротеа Ѓоргиевска, а костимите на Фросина Настевска.