ПРЕМИЕРА НА „ПАРТИЈА РЕМИ“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот во Драмски театар, премиерно ќе се изведе претставата „Партија реми“ од американскиот писател Доналд ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева.

Во претставата играат Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ – Пановска. Со оваа претстава, Лукаревски одбележува 40 години играње на сцена и со неа заминува во пензија.

Авторот на „Партија реми“ во 1978 добил Пулицерова награда за најдобар драмски текст, а актерите кои ги играле улогите биле прогласени за најдобри актери таа сезона на њујоршката сцена.

Приказната е за повозрасни маж и жена, кои како штитеници на дом за стари лица, преку играњето карти се запознаваат, остваруваат посебно пријателство и поврзаност.

“’Партија реми’ е синоним за играта што сите ја играме во животот кога ќе ни се поделат картите. За некои тие се среќни и се чини се им оди наредено, иако не се вешти, а од друга страна има луѓе кои ги знаат сите техники како треба да се живее, но не добиваат наредени карти и е многу важно да се потрудат да најдат начин како да го направат ремито.
Претставата има среќен крај. Сакав повозрасните лица да добијат уште една можност за делење карти“, вели Џолева.

Костимите за претставата се на дизајнерката и професорка Лидија Георгиева, сценографијата на Доротеа Ѓорѓиевска, а изборот на музика го направи режисерката.