ПРЕПОЛНА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ПАТРОНИОТ КОНЦЕРТ НА „ЛУЈ“ СО МОЌНА ИЗВЕДБА НА „ТЕШКОТО“ И „ОДА НА РАДОСТА“ ЗА КРАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Детскиот хор „Пиколо“, со кој диригираше маестра Весна Димчевска, ја испеа македонската химна за почеток на концертот на учениците на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во петокот во Филхармонијата. Концертот се одржа по повод патронатот на скопското училиште, за 50 години од смртта и 110 години од раѓањето на Илија Николовски-Луј, кој е патрон на училиштето од 1979 година.

Директорката на училиштето Даница Стојанова заедно со малите балерини рече дека догодина концертот ќе се прави во салата „Борис Трајковски“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Настапија учениците од сите оддели: балетскиот, од насоката за традиционална музика и игра, солисти, хорот и оркестарот со впечатлива изведба на „Тешкото“ за крај. Салата на Филхармонијата беше преполна. Поради голем интерес, дел од публиката го следеше концертот стоечки.

Балерините од средниот оддел имаа успешен настап. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Ова досега не се случило во Македонија. Следната година, концертот ќе го организираме во салата ‘Борис Трајковски‘“, рече на почетокот директорката на музичко-балетскиот училиштен центар, пијанистката и професорка Даница Стојанова и додаде оти е горда на учениците и на своите колеги.

За концертот се добиваа бесплатни билети, но капацитетот на салата, за жал, беше помал од интересот на публиката. Стојанова го поздрави семејстото на Илија Николовски-Луј во публиката и посака да имаме мир во светот и повеќе музика. Во изведбата на последните три дела, заедно со оркестарот свиреше и Никола Николовски-Лујче, правнукот на Илија Николовски Луј.

Хорот на „Луј“ со диригентот Бехар Вејсели. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Концертот почна со малите балерини од нижото балетско, па продолжи со одличен настап на балерините од средниот оддел со кој раководи Слаѓана Спасеновска, со „Карамита“ од Љубомир Бранѓолица. По нив го слушавме квартетот „Луј“, па хорот на училиштето, со кој диригираше Бехар Весели.

Квартетот виолончела. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Потоа настапи квартет од четири виолончела со „Танцот на витезите“ од „Ромео и Јулија“ на Прокофјев. Камерен ансамбл изведе уникатна верзија на „Не си го продавај Кољо чифликот“ во аранжман на К. Христовски, па го слушавме дувачкиот оркестар со композицијата „Салвос“ од Бете Илин, која диригираше со дувачите.

Народната песна „Ни прела гора нит ткала“ ја испеа ученичката Јована Богданоска од класата на Вера Милошевска-Јосифовска. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Претпоследното дело „Танцот на сабјите“ од Хачатурјан го отсвире Симфонискиот оркестар, со кој диригираше маестро Фи Фи Ле. Народната песна „Ни прела гора нит ткала“ ја испеа ученичката Јована Богданоска од класата на Вера Милошевска-Јосифовска, во придружба на традициските играчи. Богат музички и сценски настап гледавме и слушнавме за крај, со „Тешкото“ од Симфонискиот оркестар, заедно со традициските играчи.

Маестро Фи Фи Ле диригираше со Симфонискиот оркестар. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

На бисот се развесели и публиката, на „Ода на радоста“ со оркестарот и хорот на „Луј“. На втората изведба на прочуеното дело излегоа сите учесници на настанот, кои и овој концерт го одработија како вистински професионалци, без оглед на искуството и возраста.

М. ЏАРОВСКА