ПРЕТСТАВАТА „АМБАСАДОР“ НЕ АЛУДИРА НА СЕГАШНИТЕ СЛУЧУВАЊА, ВЕЛАТ ОД ШТИПСКИОТ ТЕАТАР ПРЕД ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕМИЕРА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Народниот театар во Штип вечерва од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Амбасадор“, по текст на Славомир Мрожек од Полска, адаптиран од режисерот Андреј Цветановски.

„Овој текст на Мрожек првпат се поставува во Македонија. Авторот се задржува на амбасадорските комуникации и односи помеѓу две земји во времето на Студената војна. ‘Амбасадор‘ е дипломатски трилер кој од комедија се претвора во една голема драма и трагедија“, вели Цветановски, кој последен пат гостувал во Штип пред осум години.

Улогите ги толкуваат Пеце Ристевски, Анѓелка Нашкова, Миле Вратеовски, Милорад Ангелов и Григор Јовановски. Драматург е Габриела Коцева Тулиева, музиката е на Димитар Андоновски, а сценограф е Сергеј Светозарев.

„Јас се соживувам со улогата на амбасадор, но во претставата не алудираме на никакви актуелни дипломатски случувања кај нас и во светот. Едноставно, поентата е да дојде до израз вербата помеѓу луѓето“, вели Ристевски.

Со оглед на големиот интерес, предвидени се репризи на 2, 6 и 12 април.

Т. ЈОВАНОВСКИ