ПРЕТСТАВАТА „СРЕЌЕН МРТОВЕЦ“ Е ИДЕАЛНА ЗА СЕГА, КОГА ПО ЕДНА ГОДИНА ЧЕКАМЕ ЗА ДОКУМЕНТИ, ВЕЛИ БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Благоја Чоревски ќе ја игра главната улога во претставата „Среќен мртовец“, вечерва (сабота) во Дом на АРМ во Скопје од 20 часот. Автор на претставата е Марјан Анѓеловски, а играат и: Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски и Јасмин Рамани.

Актерот вели дека веднаш ја прифатил идејата и поканата на авторот и оти содржината на претставата не може да ја поврзе со онаа во култниот филм „Викенд на мртовци“ каде што играше и тој.

„Јас го играм Живко, ‘живиот мртовец’, за кого на семејството ќе му јават дека е починат, а тој е всушност жив. Тука започнува нивната голгота, трчање од шалтер на шалтер за вадење документи. Темата на претставата не е слична со филмот ‘Викенд на мртовци’. Приказната е идеална за денешно време, кога по една година чекаме за да извадиме нови лични документи“, ни изјави Чоревски.

Актерот вели дека е среќен што на 76 години е театарски активен. „Среќен мртовец“ ќе игра и во Штип во Домот на културата на 8 декември.

Претставата е во продукција на алтернативниот театар „Отпишани“ од Скопје. Чоревски вели оти е можно да има уште една претстава во Скопје.

М. ЏАРОВСКА