ПРИЛЕПСКАТА ПРЕТСТАВА „ДЕКАМЕРОН“ НА КОЧОВСКИ ГО ОТВОРА 48. МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со претставата „Декамерон“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, во режија на Мартин Кочовски, вечерва (8 ноември) во 20 часот во Младински културен центар (МКЦ) почнува 48. Млад отворен театар (МОТ). Ќе трае до 18 ноември и ќе има 29 настани, како претстави, работилници, промоции и предавања.

„По италијанскиот хуманизам, следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, ‘Браќа Карамазови’ е претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ по девет години се враќа во Загребачко казалиште младих. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави кои заедно се заокружуваат во една претстава. Па така, публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела. Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде што ќе го погледнеме ‘Евангелие по Ф. М. Достоевски’, во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад“, вели Русе Арсов од МКЦ.

МОТ и годинава ја доделува наградата „Биш“, иницијатива која ја почна лани, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната, пред сè, независна сцена. На отворениот повик се пријавиле 25 претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест од нив. Наградата е именувана по еден од основачите на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш, кој почина лани.

Фото: Сцена од „Декамерон“/Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп