И ПРЕД И ПОСЛЕ ГОЦЕ АРНАУДОВ НЕМА НИКОЈ СО ТАКВА ЕНЕРГИЈА, КАЖА ЌЕРКА МУ КРИСТИНА, 12 ГОДИНИ ПО СМРТТА НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ПЕЈАЧ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова вели дека ѝ е жал што и 12 години по смртта на татко ѝ, легендарниот фолк-пејач Гоце Арнаудов, не се одржал концерт со неговите најголеми хитови.

Гоце Арнаудов почина на 6 декември 2011 по неколкугодишна борба со ракот, во болница во Франција каде што се лекувал.

„Дванаесет години поминаа, летнаа. Тој ден ќе го паметам засекогаш, за жал, по лошо. Македонија тој ден остана без голем пејач, забавувач, музичар, кој во новата македонска музичка историја остави убедливо најголем број хитови, кои ден-денес се пеат насекаде. Секој кој ме сретнува сѐ уште прво ми кажува колку го сакале и колку им недостига. И пред него и после него нема ни приближно некој со таква енергија и таков стил, боја на глас, сценски настап. Недостасува еден голем трибјут концерт со неговите хитови и се надевам дека тоа ќе се случи. Како и да е, секако дека на публиката ѝ недостига како пејач, но на семејството му недостига секој миг најмногу“, ни изјави Арнаудова.

Гоце Арнаудов е роден во Струмица на 19 август 1954. Почнал да пее и да свири гитара во групата на неговиот татко. Има напишано над 200 песни, учествувал на стотина фестивали, од кои на преку 60 има освоено прво место. Пет години беше прогласуван за најпопуларната личност на Македонија. Во 2000, во својот роден град Струмица, одржа концерт на стадионот со 10.000 публика. „Штом ноќва помине“, „Дали чекаш стара мајчице“ и „Огин и пламен“ се дел од неговите најпознати песни.

Во Струмица живеат неговата сопруга Силвија и синот Оскар, а ќерката Харита со семејството во Охрид.

М. ЏАРОВСКА