ПРОМОЦИЈА НА КНИГА НА ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска во 12 часот во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ќе има промоција на книгата на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, „Колумни“. Издавач е фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, од каде велат дека таа нема да се продава на стандарден начин, туку ќе се добива со донирање износ по сопствен избор.

Приходите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, деца на самохрани родители, невработени лица, лица со попреченост и останати ранливи категории.

„Со оглед на тоа што тој на рана возраст ги губи и таткото и подоцна очувот (чие презиме цел живот го носи), наш фокус се помошта за школување и вработување на деца без родители, деца на самохрани родители, но и останати ранливи категории“, велат од Фондацијата.

Книгата ги содржи колумните на професорот Марјановиќ пишувани за весникот „Дневник“ во период од 1998 до 2006. Промотори се: Владимир Петрушевски-Фили – претседател на Фондацијата, Бранко Секуловски – судија во пензија, Александар Дамовски – еден од основачите на „Дневник“ и Александар Марјановиќ, син на професорот, кој е и извршен директор на Фондацијата. Книгата објавена во три тома содржи 329 колумни на над 1.000 страници.