Монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на театрологот Ана Стојаноска ќе биде промовирана денеска во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Книгата е издадена со помош и поддршка на Факултетот за драмски уметности во Скопје и издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Книгата ја замислив како преглед на три важни топоси поврзани со неговата и мојата работа. Димензионирана е да биде и лична и научна и непосредна и објективна и театролошка, но и своја. Коле Чашуле е мојот втор татко, човекот кој ме научи како да пишувам, како да работам, како да се однесувам во светот на театарот и книжевноста и во животот воопшто. Човекот кој ми беше огромна поддршка во процесот на образование и растење“, напиша Стојаноска во воведот.
Промоцијата е дел од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.