ПРВИОТ БРОЈ НА СТРИПОТ НА „МАРВЕЛ“ ПРОДАДЕН ЗА 1,26 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Далас, (АП)

Редок примерок на првиот број на стрипот на „Марвел“ се продаде на аукција во Далас за 1,26 милиони долари.

Наречен „Марвел комикс број еден“, тој излегол на 1 октомври 1939 година и во него се појавиле ликовите Хјуман Торч, Ка-Зар, Ејнџел, Саб-Маринер и Мескд Рејдер. Името на новиот сопственик не е објавено.

„Ова е историски примерок на историски стрип. Исто така, ова е најдобро зачуван познат примерок на првиот број“, изјави потпретседателот на аукциската куќа „Херитиџ“, Ед Џестер.

Ова е рекордна сума платена за стрип на „Марвел“, но не е и најскап стрип воопшто. Тој статус му припаѓа на првиот стрип во кој се појавил Супермен, што во 2014 година се продал за повеќе од 3,2 милиони долари.