Претставата „12“ на МНТ и нејзиниот режисер Синиша Евтимов се прогласени за најдобри на театарскиот фестивал „5РЕ“ во Велес. На годинашното четвтрто издание за првпат се доделуваа награди, плакети со ликот на Петре Прличко, во чија чест и се организира фестивалот. Жирито во состав Александар Ивановски, Александар Ѓорѓиев и Миле Вртеоски едногласно ги донело одлуките за наградите.
„Претставата ја освои публиката со длабоката емоција, маестралната режија и неверојатната актерска игра. Претставата носи силни и актуелни теми, а изведбата надмина секоја очекувана граница со своите енергија и емоционален интензитет“, пишува во образложението за наградата за „12“.
Евтимов кажа дека ова му е прва театарска награда во кариерата.
„Добивам награди на некои поинакви манифестации, но ова ми е прва вистинска театарска награда во животот. Благодарам на сите, и актерите и МНТ и фестивалот и на вас, велешка публико“, кажа режисерот Ефтимов.
За улогата на Живка во неговата претстава „Госпоѓа министерка“, премиерно изведена на фестивалот, Зорица Панчиќ ја доби наградата за најдобра женска улога. Таа притоа одбележа 30 години работа на матичната сцена во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Александар Крстиќ, актер на Народно позориште од Ниш, ја доби наградата за најдобра машка улога за „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“. Тој по одигрувањето на претставата се појави на сцената со македонско знаме и натпис „Кочани“, што наиде на овации од публиката.
Жирито додели награди и за споредни ролји: Марија Новак за претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Охридски театар и Сашо Тасевски за „Фамилија Адамс“ на Драмски театар од Скопје. Беше доделена и награда за најдобра претстава во изборот на публиката, што ѝ припадна на „Покојник“ на Црногорско народно позориште, во режија на Егон Савин.
На театарскиот фестивал „5РЕ“ беа одиграни шест претстави во официјалната програма, а во придружната имаше два стандап настапа, детски мјузикл и проекција на филмскиот класик „Мис Стон“. Фестивалот финансиски е поддржан од Општина Велес и годинава за првпат од Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ