Радио „Бубамара“, традиционално, ќе го прослави својот 24. роденден со весела еколошка акција на Водно, која ќе почне утре во девет часот, а ќе учествуваат и голем број музички ѕвезди во улога на „Шумски свирачи“.
Освен што ќе го распеат Водно, ќе се собираат и селектираат пластични шишиња, ќеси и друг отпад, што се наоѓа околу планинарските патеки. Во акцијата се вклучени и извидничките одреди на Јадран и Псио.
Акцијата е доброволна и во неа можат да се вклучат сите планинари и рекреативци кои ја сакаат природата, па затоа еден од слоганите е „Кој може и сака нека собира, а кој не може, барем нека не фрла ѓубре во природа“.
Терминот „Шумски свирачи“ се воведе во 2015 година, кога за првпат се одржа оваа акција, а планинарите и екологистите пееја заедно со „Љубојна“, „Синтезис“, Гуру Харе, Пепи Ренџов, Јаков Дренковски, Џокси, Влатко Мартиновски, „Пеперминт“, Аки Рахимовски, Никола Јанков и Влатко Стефановски.
Општините Карпош и Центар наредната недела ќе расчистуваат мали диви депонии, а акцијата е поддржана од „Пакомак“ и Град Скопје.